Специјалното јавно обвинителство бара од скопскиот Кривичен суд да не им ги враќа пасошите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на неговиот братучед и поранешен шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.
СЈО смета дека „не се променети околностите“, за да им се вратат пасошите, коишто им беа одземени како гаранција дека тие нема да побегнат од земјава по поднесените обвиненија за нив.
За одлуката на СЈО денес е известен Кривичниот суд, кој, пак, побара мислење од тимот на Јанева околу продолжувањето на мерките за обезбедување присуство на обвинетите во натамошната судска постапка.
Груевски и Мијалков бараа од судот да им бидат вратени пасошите, бидејќи им биле потребни за службени патувања надвор од земјата, а како гаранција дека нема да бегаат ги предложиле нивните семејни статуси и бизнисите што ги имаат во Македонија.







