Специјалното јавно обвинителство денеска презентираше три нови случаи. И овие се на „Т“, „Тревник“, „Траекторија“ и „Талир“.
Станува збор за серија извршени кривични дела, за бесправна изградба на куќи, злоупотреба на службената положба и овластувања, измами, местење тендери, перење пари, незаконско финансирање на политички партии, сторени од вкупно 21 лице.
Неофицијално, истраги се водат против актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и некогашен премиер Никола Груевски, против техничкиот премиер Емил Димитриев, некогашните генерални секретари на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, некогашниот и сегашниот директор на центарот на комуникации во ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски и Иво Котевски, за вицепремиерот Владимир Пешевски, за Миле Јанакиески, уредникот на Сител Драган Павловиќ….
„Случајот Тревник е отворен како резултат на прислушувани, јавно необјавени разговори и опфаќа основано сомнение за кривично правни дејствија на три лица за изградба на три викенд куќи во Општина Зелениково, без да имаат право на таква градба, односно градење без одобрение за градење“, информираше Фатиме Фетаи, обвинител во Специјалното јавно обвинителство.
Според прибавените докази, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење на истите, како и останата документација, според Фетаи, овие три викенд куќи биле започнати да се градат во 2011 година, а одобрение за градење на истите од општината е добиено во 2013 година, кога веќе биле и завршени.
„Законот за градење предвидува обратен редослед, односно најпрвин правосилно одобрение за градење, па отпочнување со градење, а надвор од тој редослед таквите противзаконски дејствија се предвидени и казниви со соодветното кривично дело“, децидна беше Фетаи.
Истрагата „Траекторија“ се однесува на незаконски работи при изградба на автопатите Миладиновци-Шитп и Кичево-Охрид за што се осомничени четири лица.
Во случајов, наодите на обвинителуите се дека буџетот на државата е оштетен во износ од 115.117.172 евра.
„Четирите службени лица во постапката за избор на компанија која ќе ги гради автопатните делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, покрај тоа што ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки постапиле спротивно и на условите поставени од Кинеската влада и кинеската „Ексим банка“ како заемодавач. Постои основано сомнение дека во месец јануари 2013 година тројцата осомничени поттикнати од првоосомничениот, иако биле доставени две понуди, пониска понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле. Со ваквите дејствија постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик на Република Македонија“, рече Фетаи.
Во „Талир“, четиринаесет лица од највисоките структури на ВМРО-ДПМНЕ се сомничат за перење пари.
„Постои основано сомнение дека и покрај тоа што на првоосомничениот како претседател на политичката партија му биле добро познати законските ограничувања, сепак тој во периодот од 2009 до крајот на 2015 година овозможил финансирање на партијата спротивно на законските одредби“, истакна обвинителката Фатиме Фетаи.
Мотивите на делување на првоосомничениот биле исклучиво од лична природа и биле поврзани со зацврстување на неговата политичка моќ и позиција во партијата и во државата и обезбедување на целосна контрола над политичката партија.
„Првоосомничениот како одговорно лице сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување“, рече Фетаи.
Обвинителката напомена дека биле скучени 71 договор за недвижен имот од незаконски стекнатите средства, а била вмешана и фирмата ДГ Бетон АД Скопје, која се јавува како инвеститор во најголем број од градбите на проектот „Скопје 2014“.
Во 2009 година со назнака за чланарина, во просек биле уплаќани по над 28.000 евра дневно, во 2010-та над 15 илјади евра, во 2011 над 12 илјади евра, во 2012 над 14 илјади евра, во 2013 година над 30 илјади евра дневно, во 2014 година над 26 илјади евра, а во 2015 година над 31.000 евра дневно.
Повеќето од уплатниците биле пишувани со исти ракопис.
Специјалното јавно овбинителаство ќе бара замрзнување на дел од имотот на ВМРО-ДПМНЕ заради што до Судот ќе бидат поднесени 12 барања во кои во просек има по 3 имоти.
„Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека второосомничениот, помогнат од останатите осомничени лица склучил – Договор за соинвеститорство, при што недвижноста која била вложена во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ имала вредност од 76.445.600,00 денари, додека вкупните вложувања на ДГ „Бетон“ АД Скопје биле во вкупна вредност од 556.041.640,00 денари, од кои 424.733.242,00 денари била вредноста на изградениот објект, додека 131.308.398,00 денари биле уплатени на сметката на политичката партија на име регулирање на меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од Договорот за соинвеститорство“, презентираше Фетаи дел наодите на Специјалното обвинителство за случајот „Талир“.
Очигледниот несразмер на правата и обврските на договорните страни, според Фетаи, во смисла на членот 15 од Законот за финансирање на политичките партии преставува донација од ДГ „Бетон“ АД Скопје кон политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па со оглед на фактот што тоа време ДГ „Бетон“ АД Скопје вршел и услуги по пат на договори за јавни набавки, истиот не можел да биде донатор, поради што првоосомничениот имал обврска да ја одбие донацијата или да ги уплати парите во Буџетот на Република Македонија за потоа истите, согласно законските одредби да бидат искористени за хуманитарни цели.
„Доказите обезбедени во предистражната постапка упатуваат на основано сомнение дека првоосомничениот не постапил согласно ваквите законски одредби и со тоа овозможил незаконско финансирање на политичката партија“, заклучи Фетаи.
Попоски: „Траекторија“ е измислен случај
Никола Попоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека случајот на СЈО „Траекторија“ е доказ дека луѓето од ова обвинителство се обични извршители на Зоран Заев и СДСМ.
„Тврдењата се измислени. Штета не постои, целта е да се привлече вниманието на јавноста. Се работи за капитален проект од кој имаат корист сите граѓани“.
Димитриев: СЈО сака да го урне ВМРО-ДПМНЕ
Техничкиот премиер и генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Емил Димитриев обвини дека СДСМ преку СЈО сака да ја урне ВМРО-ДПМНЕ и дека тие ќе се спротивстават на неправдата.
„Членовите не смеат да се чувствуваат навредени, ова е обид да наметне чувство на вина. Ова е безобразен обид да биде скршена Македонија, правдата ќе победи.“







