Рекордите постојат за да се рушат, а во тенисот тоа никој не го прави толку добро како Роџер Федерер. Исклучителниот Швајцарец се закити со осмата круна на Вимблдон, што досега никому не му успеало, победувајќи го Марин Чилиќ со 6:3, 6:1 и 6:4.
Неповторнливиот тенисер од Базел во финалниот меч на лондонската трева покажа дека ниту годините, наскоро ќе наполни 36, не му претставуваат проблем.
Федерер ова финале го одигра како момче и без многу мака го освои вкупно 19-от гренд слем трофеј.
За волја на вистината, Марин Чилиќ повреден му се спротистави на шампионот, дури и со солзи сервираше во текот на вториот сет, а во паузата меѓу вториот и третиот мораше да побара медицинска помош за да му минат болките во стапалото. Сепак, немаше сили да го спречи триумфот на новиот рекордер на Вимблдон, после еден час и 42 минути.
Федерер првиот сет го реши во своја корист со два брејка. Во петтиот гем стигна до предност, а во деветиот ја материјализираше користејќи ја втората сет топка – 6:3.
Вториот сет беше уште пократок, траеше само 25 минути,12 помалку од првиот, и исто така е одлучен со два брејка. Чилиќ го загуби сервисот веќе во вториот гем, во шестиот Федерер повторно запиша брејк, а потоа со три лесни поени стигна до 6:1.
Помошта на лекарот очигледно му годеше на Хрватот, па во третиот сет на теренот делуваше посигурно, беше рамноправен противник, дури и спаси брејк топка во третиот гем. Едноставно, се обидуваше да остане во мечот, колку и да беше тешко тоа поради расположливиот противник и посебно поради повреденото стапало.
Сепак, Чилиќ потклекна во седмиот гем. Федерер оствари брејк, поведе со 4:3 и тргна кон конечен триумф. Веднаш го искористи својот сервис и му стави огромен товар на противникот. Хрватот освои гем на својот сервис и за малку ја продолжи борбата на Централниот терен. Борбата која траеше само уште неколку минути. Колку што му беше потребно на Швајцарецот да отсервира за 6:4 и да го освои трофејот, осми во кариерата, од најпрестижниот турнир. Шамшионски – со ас.











