Капитенот на француската фудбалска репрезентација и играч на ПСЖ, Килијан Мбапе, четврти пат по ред е прогласен за најдобар играч на сезоната во француската фудбалска лига, по изборот на Француската унија на професионални играчи (УНФП).
Француската ѕвезда оваа сезона во францускиот шампионат постигна 28 гола и е на добар пат петта сезона по ред да биде најдобар стрелец.
Напаѓачот на Лион, Александре Лаказет, има само еден гол помалку на оваа ранг листа.
Мбапе е првиот фудбалер кој четири пати е прогласен за најдобар играч во Лига 1, откако наградата за првпат беше доделена во 1994 година.
Францускиот напаѓач го надмина Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ кој три пати ја добиваше оваа награда.
„Задоволство е, отсекогаш сум сакал да ја освојам оваа титула, да го запишам моето име во историјата на лигата. Но, и покрај сите амбиции што ги имам, не ја очекував оваа титула толку брзо“, изјави Мбапе при примањето на наградата.
Франк Хаиз од Ленс беше прогласен за тренер на сезоната откако го доведе клубот до второто место и по две децении се врати во Лигата на шампионите.
Награден е и голманот на Ленс, Брис Самба, додека дефанзивецот на ПСЖ, Нуно Мендеш, го доби признанието за најдобар млад играч.







