Од денес санитарните пропусници во Франција се неопходни и за деца на возраст од 12 до 17 години, а за полнолетните воведени се уште од летото.
Потребни се влез во трговските центри, на базените, во рестораните, библиотеките, кината, спортските сали, тренинзите… Исто така, и за на лекар, освен во случај на итен преглед. За влез во училиште не требаат.
До сега во Франција 72,3 отсто од децата на оваа возраст ја примиле првата доза вакцина против ковид, додека 64,1 отсто се потполно вакцинирани со две дози. Останува да се вакцинираат повеќе од милион и пол деца на споменатата возраст.
Децата масовно бараат да бидат пелцувани, затоа што сакаат и понатаму да се занимаваат со спорт, да излегуваат со друштво, да одат во кафулиња, музеи… Се вакцинираат и деца чии родители не го направиле тоа.
За вакцинација на децата до 16 години, инаку, потребни се две согласности, лична и барем на едниот родител. Кој не е вакциниран во санитарната пропусница може да внесе негативен тест стар 72 часа или потврда за прележана болест, не постара од шест месеци.
Бранот на корона вирус во Франција моментно попушта. Има околу шест илјади заразени дневно, а процентот на позитивните изнесува 1,2 отсто. Прва доза на вакцина примиле 50,5 милиони луѓе, а втората 48,5.
Во земјата со 67 милиони жители, се проценува дека постари од 12 години кои можат да се вакцинираат се околу 55 милиони.







