Во нападот на салата на Јеховините сведоци во германскиот град Хамбург убиени се осум лица, а тројца се тешко повредени.
Пукањето го извршил еден вооружен маж кој би можел да биде меѓу загинатите, иако тоа треба да биде официјално потврдено.
Полицијата за денеска најави прес-конференција на која треба да соопшти повеќе информации.
„Знаеме само дека тука се убиени неколку луѓе,а и неколкумина се ранети, тие се пренесени во болници“, изјави портпаролот на полицијата Холгер Верен за пукањето во квартот Грос Борстел во вториот по големина град во Германија.
Рече дека нема информации за тежината на повредите со кои се здобиле ранетите.
Во објава на Твитер денеска рано утрово, полицијата во Хамбург соопшти дека верува оти има само еден напаѓач и дека постепено ги повлекува безбедносните сили од подрачјето каде што се случи настанот.
„Продолжуваме со истрагата за мотивот на злосторството“, рекоа од полицијата.

Полицијата добила пријава за пукање околу 21.15 часоти брзо излегле на лице место.
Откако пристигнале и во приземјето пронашле луѓе со видливи рани од огнено оружје, слушнале истрел од огнено оружје од горниот кат и таму пронашле смртно рането лице кое можеби е напаѓачот.
Полицијата не морала да користи огнено оружје. Не испукале ниту еден единствен куршум за време на операцијата.
Нема индиции дека напаѓачот е во бегство и се чини веројатно дека сторителот е или во зградата или меѓу загинатите.
На местото на злосторството во текот на ноќта можеа да се видат форензичари во заштитни бели одела.
Истрагите на криминалистичката полиција се во полн ек од доцните вечерни часови. Во текот на ноќта и изутрината полицијата продолжи да обезбедува траги на местото на злосторството во областа Алстердорф.
Местото на злосторството е трговска зграда на три ката, лоцирана на широка улица и е градилиште со три големи дигалки.
Околу неа е распоредена и таканаречената единица за поддршка за тешки оперативни ситуации. Ова е формат на сили од самата полиција во Хамбург. Единицата има задача да го затвори временскиот јаз до доаѓањето на силите за специјални задачи, кога што се очекува зголемен ризик за полицајците.
Хеликоптер сè уште кружи над областа каде што е извршено злосторството, и над градот, а се надгледува и околината.
Сè уште не е јасно колку луѓе имало во зградата за време на нападот и дали држеле црковна служба или собир на заедницата. Според веб-страницата на Јеховините сведоци, еден од двата неделни состаноци бил закажан за четврток навечер.
Студентката Лаура Бауч, која живее во близина, вели дека пукањето „го слушнала во околу четири наврати“, објави германската новинска агенција ДПА.
„Во тие периоди имаше неколку истрели, отприлика на секои 20 секунди до една минута“, рече таа.
Рече и дека погледнала низ прозорецот и видела лице кое трча од приземјето кон вториот кат во салата на Јеховините сведоци.
И Грегор Мисбах, кој живее во близина, го слушнал истрелот, по што снимил човек како влегува во зградата преку прозорец.
Потоа се слушнале истрели од внатре.
Мисбах за германската телевизија „Нонстоп њус“ изјави дека слушнал најмалку 25 истрели.
„Откако пристигна полицијата, пет минути подоцна, следеше последниот истрел“, рече тој.
Полицијата засега не знае што се случувало во зградата во моментот на нападот, а не знаат ниту кој би можел да биде мотивот на напаѓачот за ова крвопролевање.
Градоначалникот на Хамбург, Петер Шенчер, на Твитер објави дека е „шокиран“ од овој напад и изрази сочувство до семејствата на жртвите.







