Претседателот Ѓорге Иванов реши да не се види денеска со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Хан претстојува во Македонија во екот на новиот заплет на политичката криза, главно, предизвикан од тоа што се уште не е определен нов мандатар за составување влада.
Иако Иванов имаше термин во првичната агенда на еврокомесарот, македонскиот претседател ја извести јавноста дека нема да се сретне со него.
Од кабинетот на Иванов велат дека, наводно, уште во петокот му соопштиле на амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар, дека Иванов во својата агенда не планирал средба со Хан и со тројцата европратеници.
„Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последна средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана“, се вели во соопштението од претседателскиот кабинет.
Оттаму велат дека Иванов им го отстапува предвидениот термин на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.
„Добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена“, велат од кабинетот на Иванов.
Во почетокот на овој месец, Иванов објави дека нема да му го даде мандатот за формирање влада на претседателот на СДСМ Зоран Заев, при што како причина ја наведе платформата на партиите на Албанците, која, според шефот на државата, била неуставна и спротивна на унитарниот карактер на државата.
Овој потег Иванов го повлече неколку недели по претходната посета на Хан на Скопје, која се реализираше по десетина дена откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не успеа да состави влада со ДУИ.
Тогаш еврокомесарот имаше средба со македонскиот претседател, на која, како што беше соопштено, била потенцирана неопходноста од што поскоро формирање влада, бидејќи единствено со целосно функционални институции државата ќе биде подготвена да се справи со сите предизвици.
Од Брисел заради ситуацијата во Македонија доаѓаат информации дека во ЕУ се разгледува можноста за воведување санкции за македонски политичари.
Во игра била опцијата за „таргетирани рестриктивни мерки“, кои во прва фаза би го опфатиле само македонскиот претседател.
Санкциите не би имале никакви последици за граѓаните.
Ова било навраќање на прашањето кое во Брисел било разгледувано лани, кога Иванов помилува повеќе од 50 лица опфатени со случаите поврзани со прислушувањето.
Подоцна, Иванов ја повлече колективната аболиција, а прашањето за можните санкции се реактуелизира сега поради неговото одбивање да го даде мандатот на Заев.







