Црногорец на сметка има 32 милиони евра

„Во Црна Гора има повеќе банкарски сметки отколку жители, а депозит поголем од еден милион евра имаат 71 граѓанин на таа земја“, покажуваат податоците од црногорската Централна банка.

Правните лица, односно 62 црногорски компании, пријавија дека имаат пари на свои сметки во странство, во вкупен износ од 12,7 милиони евра.

Не е познато од кои области се овие компании и колку граѓани на Црна Гора имаат сметки во странство, бидејќи не се должни да пријават.

Според последните податоци, „девизен рекордер“ е лице на чие конто има 32 милиони евра, кое е црногорски државјанин, а не странец, пренесува Радио телевизија Црна Гора.

Странските државјани во Црна Гора учествуваат со 460,3 милиони евра, странските компании имаат 283,5 милиони евра, финансискиот сектор 7,1 милиони евра и странските невладини организации „само“ 3,57 милиони евра.