ВРАЌАЊЕ НА ОТПИШАНИТЕ: Партизан губeшe со 20 разлика, па направи чудо – ја декласираше Звезда!

LinkSense.mk

Кошаркарите на Партизан во 21. коло од регионалната АБА лига направија неверојатен пресврт против вечниот ривал Црвена звезда. Спектакуларниот меч во „Штарк арената“ заврши со резултат 92:81 во корист на црно белите и покрај тоа што Звезда имаше огромни +20 во втората четвртина.

Преполната „Арена“ ги пречека кошаркарите на Црвена звезда и Партизан кои излегоа на мегдан кој, според сите предвидувања, може да одлучи за тоа кој од првото место на Јадранот ќе тргне во плеј-офот од АБА лигата.

Повеќе од 18.000 „гробари“ направија спектакуларна атмосфера во српскиот „храм“ на кошарката, но по којзнае кој пат се покажа дека во секое вечно дерби домашниот терен често е дополнителен товар на плеќите.

Така беше и вчера, фуриозен старт на четата од Мал Калемегдан, која веќе кон средината на првата четвртина отиде на двоцифрена предност.На семафорот стоеше 16:6, а Звезда целосно доминираше на паркетот.

Со поените на Хасан Мартин и Бен Бентил црвено-белите изградија почетна предност, а потоа во втората четвртина следеше „Танго Аргентина“. Факундо Кампако имаше свое мини шоу во „Арена“. Аргентинецот погодуваше од секоја позиција. До полувремето Кампако стигна до 21 поен, а Звезда благодарение на него замина во соблекувалната со 48:34.

А, за тоа колку беа индиспонирани црно-белите доволно говори и фактот што Партизан на полувремето имаше катастрофални 1/7 за три поени, а дека соодносот во скокови беше 23:10.

И тогаш, дури и најоптимистичките „гробари“ тешко можеа да го предвидат она што следуваше во третиот дел.

Матијас Лесор се разигра, Кевин Пантер го фати неговиот препознатлив ритам.

Од минута во минута Партизан ја топеше негативата на ривалот, а со тројка на Јама Мадар на крајот од третиот период дојде на само -3.

Целосен делириум, „Арената“ се тресеше, а скандирањето на илјадниците „гробари“ од трибините им даде „ветер во грб“ на нивните пулени.

Црвено-белите не знаеја што ги снајде во тие моменти, а кошмарната трета четвртина доби свое продолжение.

Звезда повеќе од пет минути беше без поен од игра во четвртата четвртина, со тотална немоќ во офанзивниот сегмент, а и во дефанзивниот.

Лесор беше нерешлива енигма и со она што го правеше на паркетот во тие моменти ги исмеваше своите чувари, Ледеј беше нескротлив, Мадар делеше асистенции, а Партизан отиде на огромни +13 на две минути до крајот, кога можеше да започне славјето во салата.

Натпреварот, меѓутоа, го одбележа тепачката на играчите на двете водечки екипи во натпреварувањето веднаш по последниот напад на мечот.

Кошаркарот на Партизан, Матијас Лесорт, по свирежот на сирената што означи крај, тргна физички да се пресмета со Филип Петрушев, ривал со кој имаше жестока борба за време на самиот натпревар.

Тренерот на Партизан, Жељко Обрадовиќ, во текот на мечот во неколку наврати спречи да дојде до инцидент, но потоа Лесорт од играчот на Звезда мораа да го одвлечат останатите.

Французинот успеа прво да го оттурне Петрушев, а потоа со тупаница го удри по лицето.

Партизан сега е на врвот на табелата и има скор 19-2, додека Звезда е на 17-3.

Најзаслужен за триумфот на црно-белите беше Лесор со 27 поени, дури 15 од линијата за слободни фрлања од вкупно 21 постигнати, Ледеј постигна 17, а Ексум 15.

Во Звезда, пак, Кампацо постигна 21 поен, сите во првото полувреме, Митровиќ 17, а Бентил 10 поени.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Новости / М. Вукадиновиќ)