ЕУ очекува сите партии да учествуваат во прегласувањето

Европската унија очекува сите партии да учествуваат на мирен начин на прегласувањето, за да заврши изборниот процес во Република Македонија и да се избере Влада, изјави денеска портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

„Ние ги забележавме одлуките на Државната изборна комисија и на Управниот суд. Сега мора да биде дозволено процесот на жалби и приговори да се одвива по својот тек, без било каква интервенција. Очекуваме сите партии да учествуваат конструктивно и на мирен начин во демократскиот процес, за да се овозможи завршување на изборниот процес и формирање на новиот парламент и Владата“, рече Коцијанчич пренесувајќи ја пораката на Европската комисија по повод проблематизирањето и незавршувањето на изборниот процес во Република Македонија.

Коцијанчич додаде дека Унијата очекува од сите политички лидери во Македонија да покажат најголема одговорност.

Според Коцијанчич, ЕК цврсто ја осудува секоја запаллива и опасна реторика, и како што велат „вклучувајќи и таргетирање на претставниците на меѓународната заедница во Скопје“.

Таквата реторика, според портпаролката на Комисијата, „ја движи земјата уште подалеку од евроатлантскиот пат, кој нејзините граѓани го сакаат и заслужуваат“.