Мундијалот на две години?

LinkSense.mk

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, изјави дека Светското првенство на секои две години може да функционира од спортски аспект, а дека економските придобивки ќе бидат позитивни за сите.

Мундијалот на секои две години не е мое барање, туку Конгресот побара физибилити студија, за неговата оправданост. Направивме многу сериозно истражување, од спортски аспект се функционира, а економските сите ќе бидат задоволни“, истакна Инфантино во интервју за италијанското државно радио, пренесе денес Хина.

Инфантино додаде дека најголем дел од критиките на сметка на овој формат на Светското првенство доаѓаат од Европа и посочи дека 166 земји-членки на ФИФА побарале истражување за оправданоста.

Фактите мора да бидат јасни, 88 отсто од земјите, дури и повеќето европски, побараа студија. Направивме многу сериозна студија која покажува дека од спортски аспект се би функционирало како што треба, би имало помалку репрезентативни натпревари, но повеќе значајни“, рече Инфантино.

Тој оцени дека многу земји во светот немаат среќа да играат на Мундијалот. Само 32 земји од 211 имаат прилика да стасаат до завршната фаза.

Кога пред 100 години беше одлучено Светското првенство да се игра на секои четири години, фудбал играа 40 земји во светот, денес ги има повеќе од 200, и тоа мора да се земе предвид“, додаде тој.

Претседателот на ФИФА вели дека Мундијалот на секои две години ќе ги заштити домашните првенства, но и играчите.

Пред се, тоа е заштита на националните првенства со помалку прекини и застанувања, а исто така и за играчите, бидејќи по Светското првенство би следела пауза од најмалку три недели за одмор, нешто што денес не постои“, рече тој.

Инфантино оцени дека во Катар е направен голем напредок во однос на безбедноста на работниците кои работат на објектите за претстојното Светско фудбалско првенство.

Во Катар без Светско првенство не би имало општествен напредок. Постигнат е огромен хуманитарен напредок. Ќе го доведеме светот во Катар, за да покажеме дека на Блискиот Исток правиме промени за кои во Европа беа потребни децении“, истакна тој.

Тој рече дека новитетите во врска со правилата не смеат да доведат до уништување на фудбалот.

Судијата секогаш мора да одлучува, човечкиот аспект мора да биде главен. Мораме да влијаеме на децата, да го остават телефонот на страна и да играат фудбал“, заклучи Инфантино.

Светското првенство во Катар, на кое за последен пат ќе учествуваат 32 репрезентации, ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември годинава.