Нобеловец за економија се сомнева во економските планови на Трамп

Годинешниов добитник на Нобелова награда за економија, Оливер Харт, изрази загриженост поради плановите на новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп да ги поништи трговските спогодби.

Професорот од Харвард, кој ја доби Нобеловата награда за допринос во теоријата на договорите, оцени дека воведувањето на протекционизам ќе биде „лошо за светското стопанство“, но и за САД.

Харт вели дека има разбирање за плановите на Трамп за трошење на инфраструктурата, но дека деталите на тие планови не зборуваат многу.

Тој вели дека поништувањето на трговските спогодби и воведувањето на тарифи не е добро.

„Можеби сето тоа е само приказна. Тоа би било лошо за светската економија и би било лошо за САД да се оди по тој пат“, додаде Харт во неговото интервју во Стокхолм.

Харт оценува дека постојат подобри начини да им се помогне на луѓето кои изгубиле во процесот на глобализацијата, со дополнителна обука или со редистрибуција на приходите.

„Но, да се обидувате да ги вратите работите кои се изгубени е крајно неефикасно и скапо“, рече Харт.