Францускиот писател и филмски продуцент Александар Жарден изјави дека ќе се кандидира на претседателските избори во мај 2017 година за да ја „врати власта на народот“.
Основачот на движењето „Куќа на граѓаните“, Жарден, ќе биде кандидат на граѓанското движење.
„Граѓанинот повеќе не постои, териториите повеќе не постојат во политичките дебати. Само се слуша париската технократија“, рече Жарден кој е уверен дека ќе собере доволно потписи од граѓаните за поднесување на кандидатурата.
Жарден, роден во 1965 година, познат е во Франција по романите „Зебра“, „Фанфан“ и „Афтобиографијата на една љубов“ и по филмот „Зебра“.
Француската десница веќе го избра својот кандидат, поранешниот премиер Франсоа Фијон, додека екстремната десница ќе ја претставува Марин Ле Пен.
Левицата дури неодамна ја почна предизворната политичка кампања, додека непопуларниот социјалистички претседател
Франсоа Оланд најави дека нема да се кандидира.
За изборите уште се кандидираа и претставникот на радикалната левица Жан-Лик Меланшон и поранешниот министер за економија Емануел Макрон, кој во август поднесе оставка и основаше своја политичка организација, „Движење“.
Земајќи го предвид разните поделби внатре во левицата, аналитичарите проценуваат дека во вториот круг за местото претседател ќе се борат кандидатот на десницата Франсоа Фијон и претседателката на екстремната десница Марин Ле Пен.