Промоција на истражување „Кој се плаши од родот?“

LinkSense.mk

Во Скопје денеска ќе се одржи промоција на резултатите од истражувањето на клучните стратегии и наративи на македонските антиродови движења насловено „Кој се плаши од родот?“, во авторство на Ирена Цветковиќ и Мања Величковска.

Истражувањето е продуцирано во рамки на проектот „Стратегии, дискурси и слики за родова и сексуална (не)еднаквост во Северна Македонија“, реализиран од страна на „Коалиција МАРГИНИ“, а финансиски поддржан од фондацијата „Хајнрих Бол“.

Како што е најавено, по промоцијата ќе следува панел-дискусија, каде авторките заедно со пратеничката Санела Шкриељ, Андријана Папиќ Манчевска, претставничка од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување и Сара Миленковска, претставничка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, ќе дискутираат за ефектите врз демократијата, човековите права и родовата еднаквост предизвикани од антиродовите мобилизации во нашето општество.

„Целта на оваа публикација е да им помогне на бранител(к)ите на човекови права подобро да ги разберат антиродовите кампањи, да ги поддржи во идентификувањето на начини за спротивставување на нив и да придонесе во унапредувањето на човековите права за сите“, соопштија од „Коалиција Маргини“.

Оттаму посочуваат дека истражувањето цели кон обезбедување на релевантни податоци, анализи и знаења за хегемониските стратегии на врамување, репрезентација и дискурзивна конструкција на жените и сексуалните и родови малцинства во јавните дискурси од страна на антиродовите актери, како и да понуди трансформации и да ја зајакне мобилизацијата помеѓу прогресивните сили во општеството.