Русија застана во одбрана на ВМРО-ДПМНЕ

Руското Министерство за надворешни работи ги обвини ЕУ и НАТО дека во Македонија сакаат да ја донесат на власт опозицијата, откако вчера претседателот Ѓорге Иванов одби да му го даде мандатот за формирање влада на Зоран Заев.

Тие тврдат дека ЕУ и НАТО прават обиди на Македонците да им се наметне албанска платформа, создадена во Тирана.

„Преку активното делување на раководствата на Европската унија и НАТО се прават обиди на Македонците да им наметне т.н. „албанска платформа“, создадена во Тирана во кабинетот на премиерот и под мапата на т.н. „Голема Албанија“, илустрирајќи ги територијалните претензии кон делови од соседните Црна Гора, Србија, Македонија и Грција“, велат од руското МНР.

Од таму додаваат дека Западот предизвикува ерозија на уставните темели во земјата.

„Сакаме да потсетиме дека на предвремените парламентарни избори на 11-ти декември 2016-та година, одржани на инсистирање на ЕУ и САД, победи владејачката партија на чело со Никола Груевски. Сега Западот и албанското малцинство сакаат на власт во Скопје да ја доведат поразената опозиција, прифаќајки ги ултиматумите на Албанците, што предизвикува ерозија на уставните темели во земјата“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Русија.