Телевизиите се на работ на исчезнување

LinkSense.mk

Телевизиските компании ќе мора радикално да се прилагодат на брзорастечкиот свет на онлајн забавата доколку имаат намера да преживеат, предупредуваат експертите. Тие веќе се обидуваат да ги достигнат интернет гигантите од индустријата за игри во борбата за вниманието на помладата публика и, следствено, приходите од реклами.

Се наѕира почетокот на таканаречениот „метаверзум“, што е термин кој се однесува на систем од интерактивни интернет светови, игри и тродимензионални места за средби, кои веќе привлекуваат милиони корисници.

Додека постарите потрошувачи на медиумски содржини се сè уште врзани за традиционалната телевизија, гледаноста меѓу помладите од 35 години се преполови во последниве години и нагло ќе опадне како што ќе се развива метаверзумот, според Статистика“, германска компанија која се занимава со истражување на пазарот.

Младите луѓе еволуираа од пасивни следачи на ТВ во активни играчи и се оддалечија од екранот (компјутерот) во корист на паметните телефони. ТВ каналите ќе умрат заедно со нивната публика“, рече Фредерик Каваза, ко-основач на француската компанија специјализирана за дигитална трансформација „Сјуск“.

За да допрат до младите, телевизиските куќи ќе мора да се натпреваруваат со гејмерските платформи како „Роблокс“, „Фортнајт“ и „Мајнкрафт“, кои веќе воспоставуваат доминантна позиција на пазарот и се сметаат за претходници на метаверзумот.

Половина од децата на возраст од 9 до 12 години во Америка користат „Роблокс“ најмалку еднаш неделно, платформа каде играат игри, слушаат концерти или едноставно се дружат со пријателите, според „Дјубит“, компанија за истражување на медиумите.

Публиката може да биде огромна: 33 милиони луѓе го гледаа настапот на раперот Лил Нас Икс на „Роблокс“ во 2020 година, што е три пати повеќе од луѓето што го гледале на телевизија на доделувањето на Греми наградите неодамна.

Радиодифузерите ќе мора да изберат дали ќе останат на се помалиот пазар на традиционалната телевизија или своите лица и брендови ќе почнат да ги носат на платформите на метаверзумот“, рече Метју Ворнефорд, ко-основачот на Дјубит.

Тоа значи да ги донесете луѓето во светот, да ги направите дел од приказната, да играте заедно со нивните пријатели, на ист начин како што Дизниленд вам и на вашите пријатели ви овозможува да бидете во нивниот свет со Мики Маус“, рече тој.

Телевизиските компании имаат време да се прилагодат, но се соочуваат со голем предизвик бидејќи во исто време мораат да ги задоволат потребите на постарите луѓе кои гледаат традиционална телевизија, средовечните луѓе кои се свртуваат кон платформите за стриминг платформите и младите кои копнеат за интерактивна и социјална разонода.

Ако сакаме да останеме релевантни, ќе мора да се поставиме кон сите овие видови на користење“, рече Кати Бреме, шеф за одделот за иновации во француската државна телевизија.

Таа вели дека телевизијата се уште е во фаза на истражување, каде што си поигрува со проширената и виртуелна реалност за да создаде културни и спортски искуства.

Најголемиот предизвик, сепак, може да биде од финансиска природа.

Телевизиските куќи досега не беа погодени од падот на приходи од реклами поради технолошкиот напредок, како што беше случајот со другите традиционални медиуми како што се весниците.

Тоа може да се промени побрзо отколку што луѓето сфаќаат“, рече Ворнефорд.

Во минатото, беше тешко да се преместат телевизиските реклами во светот на игрите бидејќи поединечни компании создаваа игри кои ги заклучија и ја заробија целата вредност’, додаде тој.

Но, метаверзумот нуди многу поотворено поле на дејствување, каде што брендовите имаат многу повеќе можности за промоција и директна продажба на стоки на клиентите.

Модните и луксузните брендови веќе заработуваат милиони продавајќи виртуелно, облека и предмети на „Роблокс“, „Фортнајт“ и други платформи.

Ако сакаат да допрат до млади луѓе, дали компаниите ќе продолжат да одат на телевизија или ќе одат некаде каде што навистина младите луѓе се наоѓаат – во игрите и метаверзумот“, праша Ворнефорд.