Францускиот премиер Мануел Валс изјави дека е подготвен да ја претставува Социјалистичката партија во трката за претседател на Франција на изборите што треба да се одржат следната година, јавува агенцијата Блумберг.
Во времето кога се појавија сомнежи дали актуелниот претседател Франсоа Оланд повторно ќе се кандидира, Валс за француската телевизија БМФ рече дека е подготвен да ја предводи претседателската трка.
Тој додаде дека ќе се кандидира само ако Оланд тоа не го стори.
„Сакам на луѓето да им се врати надежта“, рекол Валс, кој, според анкетите направени врз основа на популарноста, е пред Оланд.
Франсоа Оланд, чија популарност никогаш не била помала од сега, пред извесно време рече дека до половината на декември ќе соопшти дали повторно ќе се кандидира за претседател.
Претседателските избори во Франција ќе се одржат на 23 април.