Ѓоковиќ запрен во четвртфиналето на Ролан Гарос

LinkSense.mk

Новак Ѓоковиќ го заврши учеството на Ролан Гарос во четвртфиналето, бидејќи во фантастичен меч беше поразен од Рафаел Надал со 6:2, 4:6, 6:2, 7:6 (4). Спектакл! Тоа е наједноставниот збор со кој може да се опише 59-та пресметка на двата најголеми ривали во историјата на „белиот спорт“. Публиката имаше можност да ужива, но на крајот причина за славење имаа фановите на шпанскиот тенисер.

Овој одличен дуел имаше чуден тек. Играта на „Бикот од Мајорка“ сет и половина беше вистинска поезија. Првиот дел од натпреварот го заврши со два брејка предност, во вториот имаше 3:0, но потоа ѕверот од Србија се разбуди и почна да црта на земјената подлога на стадионот „Филип Шатрије“.

Ѓоковиќ од тој момент врза шест гема, ривалот освои само еден и тоа беше показател дека се се менува, дека Новак многу брзо би можел да го заврши овој меч. Но, потоа, во третиот сет Србинот повторно застана, почна да прави нетипични грешки, а Надал тоа знаеше како да го искористи тоа и дојде на чекор до триумф.

Започна четвртиот сет, а Ноле повторно го врати фокусот и играта. Дојде до ран брејк и таа предност ја чуваше, а потоа застана во клучниот момент, што не е својствено за него. Сервираше на 5:3 и имаше два сет топки кои не ги искористи. Тоа му даде нова инјекција на самодоверба на петтиот играч на светот кој успеа во тај-брејкот да го скрши отпорот на Ѓоковиќ.

Колку беше се чудно што се однесува до текот на мечот, говори податокот дека Надал ги започна сите три сета со брејк, и во сите три прв стигна до два брејка предност.

Надал по осми пат го совлада Србинот во нивниот десетти меч на земјена подлога во Париз. Сепак, Ѓоковиќ е оној кој и понатаму води во победите во нивниот меѓусебен дуел – 30:29.

Новак, 13-ти пат по ред беше во четвртфиналето на Ролан Гарос, а 16-ти пат на сите Грен слемови.

Треба да се каже и дека ова им беше 18-ти дуел на Грен слем турнирите, што е најмногу што двајца тенисери одиграле еден против друг.

На крајот повод за прослава имашеБикот од Мајорка“ по маратонот кој траеше четири часа и 13 минути. Шпанецот, на овој начин, остана со можност да го покори Париз по рекорден 14-ти пат, а воедно да стигне и до 22. Грен слем титула, што би го одвоила за две во однос на Новак Ѓоковиќ и Роџер Федерер. Надал во полуфиналето ќе игра против Германецот Александар Зверев, кој го победи младиот Шпанец Карлос Алкараз.

 

 

 

 

 

 

(Фото: МИА)