Од остатоците на авионот којшто исчезна на 21 јануари над Ламанш, а во кој беа аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала и пилотот Дејвид Иботсон, извлечено е едно тело, соопшти спасувачката служба.
Британската Агенција за авионски несреќи, меѓутоа, не го соопшти идентитетот на пронајденото тело, туку само наведе дека тоа ќе биде предадено на обдукција. Како што се додава, семејствата на исчезнатите цело време добивале информации за текот на истрагата.
Истражителите не успеале да ги извлечат остатоците од авионот поради тешките временски услови.
Авионот во кој биле Сала и пилотот Иботсон исчезна над Ламанш, на летот од Нант во Кардиф, новиот клуб на аргентинскиот фудбалер.
Првата потрага по авионот беше запрена после три дена затоа што спасувачките екипи не пронајдоа ниту една трага од леталото. После тоа почна приватна потрага и таа веднаш даде резултати.
Прво беше соопштено дека се пронајдени делови од авионот, а еден ден потоа и дека е воочено едно тело.







