Австралија ќе го стави под целосна контрола користењето на е-цигарите, најави австралискиот министер за здравство, Марк Батлер.
Според новите правила, електронските апарати за пушење ќе се продаваат само во аптеките и ќе биде забранет увозот на оние уреди кои не се нарачани од аптеките.
Ќе бидат забранети сите електронски цигари за еднократна употреба и ќе се воведат ограничувања за пакување, вкусови и достапни бои, истакна министерот во обраќањето до Националниот прес-клуб на Австралија.
„Нема повеќе вкусови на гума за џвакање, нема повеќе ‘розови еднорози’ или е-цигари маскирани како маркери, за децата да можат да ги кријат во нивните кутии за моливи. Наместо тоа, ќе имаме обична амбалажа со едноставни вкусови“, рече Батлер.
Тој посочи дека пушењето електронски цигари е „најголемата дупка во австралиската историја“ и дека Австралија нема да дозволи придобивките што ги постигна со намалувањето на употребата на тутун да се отстранат со „нова закана по здравјето“.
Батлер вели дека електронските цигари во Австралија станале „рекреативни производи“, кои се продаваат главно на тинејџери и млади луѓе кои имаат три пати поголема веројатност да почнат да пушат.
„Електронските цигари се продаваат на владите и заедниците ширум светот како терапевтски производ за да им се помогне на долгогодишните пушачи да се откажат од цигарите. Нема да стоиме на страна и да дозволиме пушењето електронски цигари да создаде уште една генерација на зависници од никотин“, рече тој.
Батлер најави пакет поддршка за здравствениот систем, вклучително и нова национална програма за скрининг на рак на белите дробови.
Австралија ќе ги зголеми даноците за тутунот за пет проценти годишно во следните три години за да помогне во плаќањето на програмата.
„Знаеме дека поскапата цигара е помалку атрактивна цигара“, додаде тој.







