Осумдесет и шест новинари и медиумски работници се убиени ширум светот во 2022 година, по еден на секои 4 дена, што е 50 отсто повеќе во однос на претходната година, говорат податоците на Организацијата за наука образование и култура на Обединетите нации, УНЕСКО, која има мандат да обезбеди слобода на изразување и безбедност на новинарите на глобално ниво.
Повеќе од половина од убиствата, дури 44, се случиле во Јужна Америка и на Карибите, во Азија – 16, а во Европа се убиени 11 новинари. Најповеќе настрадани новинари има во Мексико, 19, во Украина 10 и Хаити 9.
Бројот на убиени медиумски работници опадна во периодот од 2019 до 2021 година, на 58, од претходно регистрираните 99 во 2018 година, а сега пак е во пораст.
Половина од новинарите не се убиени на должност, туку додека патувале или во биле во своите домови.

„По неколку години постојан пад, наглиот пораст на бројот на убиени новинари во 2022 година е алармантен“, вели Одри Азуле, генерална директорка на УНЕСКО.
Таа смета дека властите мораат да ги засилат напорите да ги запрат овие злосторства и да обезбедат нивните сторители да бидат казнети, бидејќи рамнодушноста е главен фактор во оваа клима на насилство.
Порастот на бројот убиства на новинари во 2022 година, истакнува Азуле, означува драматичен престврт на позитивниот тренд во последните години.
Бројките, според неа, нагласуваат проблеми во системите на владеење на правото ширум светот, укажувајќи на неуспех на државите да ги исполнат своите обврски за заштита на новинарите и да спречат кривично гонење на одговорините за нив.







