Претседателскиот кандидат Александар Вучиќ ја објави вечерва победата на претседателските избори во Србија, наведувајќи дека за него гласале повеќе од два милиона избирачи и дека победата е чиста како солза.
„Многу сум горд на фактот дека добивме огромна доверба, и од три милиони и 700 илјади луѓе, добивме околу два милиона и 35 илјади гласови“, рече Вучиќ на конференцијата за новинари во седиштето на партијата, во првото обраќање по затворањето на избирачките места.
Тој истакна дека добил 12 отсто, односно 430 илјади гласови повеќе отколку сите други кандидати заедно.
Вучиќ истакна дека е горд што добил огромен број гласови во услови кои биле се, само не лесни.
„За нас ова е важен ден и важно е дека се покажа во која насока Србија сака да оди. Важно е дека победата е чиста како солза и дека не е мала разликата“, потенцираше донеодамнешниот премиер, а од денес претседател на Србија.
Тој рече дека обработиле 92 отсто од гласовите, како и 81 отсто од избирачките места, и дека разликата е недостижна.
Вучиќ пренесе дека второпласиран е Саша Јанковиќ со 591.000 гласови, односно 16.2 отсто, а трет Лука Максимовиќ со 340.000 гласови, или изразено во проценти, со 9,4 отсто од гласовите.
Потоа, како што додаде, следувале Вук Јеремиќ со 5,7 отсто или 205.000 гласови и Војислав Шешељ со 4,5 отсто или 160.000 гласови.
Новоизбраниот српски претседател им честиташе на противкандидатите на резултатите со напомена дека некои постигнале одлични резултати.







