Германската осигурителна компанија Алианц денеска објави дека во второто тромесечје и во првите шест месеци од оваа година остварила многу добри резултати, на што допринеле сите деловни сегменти, а полугодишната оперативна добивка на годишно ниво се зголемила за 15,7 отсто, на 5,9 милијарди евра, што е значително над половина од износот што фирмата го планира за целата оваа година.
Алианц во првата половина од оваа година остварила вкупни приходи од 66,2 милијарди евра, што е за 2,3 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година.
„Нето приходите што им припаѓаат на акционерите во првата половина на годината се зголемија за импресивни 17,9 отсто, на 3,8 милијарди евра“, велат од Алианц.
Најсилен раст забележа сегментот на животно и здравствено осигурување, кој во првата половина од годината оствари раст на нето приходите што им припаѓа на акционерите за 78 отсто, на 1,5 милијарди евра. Сегментот за управување со сопственост оствари раст на нето приходот што им припаѓа на акционерите за 19,5 отсто, на 700 милиони евра.
„На половина пат сме до нашата тригодишна Агенда за онбова, и во оваа фаза е јасно дека нашите настојувања и напори веќе сега донесуваат корист на сите нашите акционери“, се истакнува во изјавата на извршниот директор на Алијанц, Оливер Бате.
Бате нагласува и дека Алианц имал „многу добар шестмесечен период со двоцифрена стапка на оперативна добивка и нето приход.“
„Сега можеме да кажеме дека очекуваме оперативата добивка за 2017 година да биде поблиску до нашата цел од 10,8 милијарди евра, плус-минус 500 милиони евра“, посочува Бате.
Од Алианц се на став дека во вториот квартал од годинава оствариле многу добри резултати.
Вкупните приходи во периодот од април до крајот на јуни се зголемени за два отсто, на 30 милијарди евра.
На тој раст, како што истакнуваат, придонесуваат сите сегменти, а најмногу сегментот за животно и здравствено осигурување.
Оперативниот профит на Алианц во вториот квартал од оваа година изнесува 2,9 милијарди евра, што во споредба со истиот период од минатата година претставува раст за 22,9 проценти.







