Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, вели дека постои можноста за влез на неговата партија во владиното мнозинство бидејќи тоа го бара меѓународниот фактор, но и доколку граѓаните го побараат тоа од нив.
Тој во синоќешното гостување на ТВ 21 рече дека во моментов конкретна понуда нема, но посочи дека доколку не станат дел од Владата тогаш ќе се оди на избори, а доколку се случи тоа може да победат анти–европски партии, а тоа ќе значи кочење на процесот на евроинтеграциите на земјава.
„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“, истакна Таравари.
Темата за влез на Алијанса во владината коалиција се наметна во јавноста уште во септември лани, кога Таравари тогаш како в.д. претседател посочи дека „ако добие понуда, партијата ќе ја разгледа“. Премиерот Димитар Ковачевски, пак, тогаш истакна дека за секоја евентуална поддршка на неговата влада треба да се разговара.
(Фото: „Слободен печат“)







