Со цел да се поттикне развојот на креативноста кај студентите, нивното лично и професионално профилирање, како и подготвеноста за соочување со идни професионални предизвици „Алкалоид“ АД Скопје потпиша меморандум за соработка за програмата за практикантство со уште два факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје – Медицинскиот и Технолошко-металуршкиот факултет.
На потпишувањето на меморандумот генералниот директор и претседател на управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, истакна дека преку оваа програма сакаат да се изгради синергија од која ќе имаат бенефиција сите инволвирани страни, а научно-истражувачката работа во земјава ќе се подигне на повисоко ниво. Потсети дека соработката на оваа тема со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје првпат е почната во април 2018 година, со Фармацевтскиот факултет и ПМФ – Институт за хемија, а првиот циклус на практиканство веќе е комплетиран во септември истата година. Единаесет од вкупно 17 практиканти останале да работат во компанијата.
„Одлучивме соработката да ја прошириме со уште два факултети каде што истражувањата укажаа дека се јавува дефицит од кадри. Годинава, согласно важечките законски прописи во државата, ќе имаме простор за вкупно 30 нови практиканти од четирите факултети со кои имаме соработка на овој проект, рече Мукаетов.
Според деканот на Технолошко-металуршкиот факултет, проф. д-р Јон Магдески, потпишувањето на меморандумот отвора можност студентите да стекнат практични вештини, знаења и искуство во најголемата фармацевтска компанија во земјава.
„Веруваме дека студентите ќе ја искористат оваа можност и стекнувајќи практично искуство, ќе ја зголемат својата атрактивност на пазарот на трудот по дипломирањето, истакна Магдески.
Проф. д-р Соња Топузовска, деканка на Факултетот за медицина при УКИМ, меѓу другото, истакна дека искуството од ангажирањето студенти како практиканти ќе отвори перспективи за креирање нови студиски програми, како и осовременување на постојните.
„Ваквите иницијативи се особено важни за студентите по медицина да се охрабрат дека сè повеќе се создаваат услови за надградување на нивното стручно знаење, вештини и можноста за професионална реализација во сопствената држава, оцени таа.
„Алкалоид“ АД Скопје и водечкиот универзитет во земјава, преку проектот за практикантство планираат заеднички да ги разработат, адаптираат и структурно да ги усогласат програмите за едукација и развој на практикантите согласно заемните потреби, во обем кој е оптимален за образовните програми. Првиот оглас за ангажман на новата група практиканти во компанијата се планира во март годинава.







