Четвртиот тенисер во светот, Шпанецот Карлос Алкараз, ја освои титулата на УС Опен, откако во финалето го совлада Норвежанецот Каспер Руд со 3:1 во сетови (6:4, 2:6, 7:6, 6:3). Алкараз ја освои првата Грен слем титула во кариерата.
Шпанецот до победата над Руд, седмиот на АТП листата, стигна после три часа и 23 минути.
Алкараз во третиот гем од првиот сет му го одзеде сервисот на противникот и ја задржа предноста од еден брејк до крајот на сетот. Норвежанецот стигна до изедначување благодарение на брејковите во шестиот и осмиот гем од вториот сет.
Во третиот сет беше забележан по еден брејк на двете страни, па сетот беше решен во тај-брејк, во кој Алкараз беше убедлив и го доби со 7:1.
Шпанецот во четвртиот сет го одзеде сервисот на Руд во шестиот гем, а потоа и ја искористи втората сет и меч топка во деветтиот гем и така стигна до најголемиот успех во кариерата.
После триумфот на Отвореното првенство на Америка, младиот Шпанец ќе го заземе првото место на новата светска АТП листа.
(Фото: АП)