Во истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ ќе се вклучат најверојатно и американски форензички експерти. Планирано е тие директно да и помогнат на косовската полиција, а според неофицијални информации, веќе се побарани и сателитски снимки, кои во критичното време се направени на подрачјето на Косовска Митровица.
Според зборовите на лица вклучени во истрагата, се очекува Американсците да ги достават тие снимки кои се многу прецизни. Сателитите, на целата територија на јужната српска покраина, се користат поради американската база „Бондстил“, како дополнителна мерка за обезбедување и заштита, наведува весникот „Новости“.
„Вештачењето би можело да покаже дали во атентатот бил користен токму автомобилот кој подоцна е пронајден запален недалеку од местото на злосторството“, потенцира изворот за белградскиот весник.
Тоа треба да ги оттргне некои претпоставки дека пронајдениот „опел астра“ е впрочем погрешна трага, дека возилото е намерно оставено за да се ‘извлечат’ сторителите. Исто така, снимките би можеле да покажат и како точно се случил атентатот, дали во Ивановиќ било стрелано од возило во движење или убиецот го чекал политичарот.
Инаку, истражителите времено ги земале мобилните телефони на убиениот, како и компјутерите кои ги користел во седиштето на неговата партија, но и во неговиот дом. Се трага за можни закани и предупредувања кои ги добивал. Освен тоа, земени се и негови лични работи и документи. Сето тоа сега се анализира.
„Досега се сослушани шест лица во својство на сведоци“, им изјавил Милан Радојевиќ, заменик министер на полицијата на Косово на новинарите на „Новости“ и додал дека МВР на Косово испратил официјално барање до Белград од таму да им бидат доставени информации за сопственикот на запалениот „опел“.
Постои сомневање дека „опелот“ е погрешна трага која „треба да го одвлече вниманието на истражителите додека одговорните за атентатот не ги скријат клучните работи“, изнесе денеска претседателот на собранискиот одбор за Косово, Милован Дрецун.
„Ова убиство е направено професионално. Оставена е само таа една погрешна трага, која треба да не замајува додека не се расчисти се. Таа погрешна трага е автомобилот.“
Дрецун вели дека Вашингтон не мора да ја понуди помошта на ФБИ, туку со официјален Белград да ги подели разузнавачките сознанија врз основа на кои неколку дена пред атентатот издаде предупредување на своите туристи за можни немири на северот на Косово.
Тој наведува дека Србија би можела и од Лондон да ги побара нивните сознанија и потсетува дека во последните месеци забележано засилено присуство на британската специјална служба, посебно во регионот на Косовска Митровица.
Убијците на Оливер Ивановиќ истрелале во него шест куршуми, користеле пиштол „долга деветка“, до местото дошле со автомобил чиј последен сопственик се наоѓа во Србија. Тоа за сега се единствените факти, кои во медиумите ги изнесе косовската полиција. Сепак, во јавноста на големо се шпекулира во кој правец би можела да оди истрагата, а а се споменуваат имиња на Срби и Албанци од Косово кои би можеле директно или индиректно да бидат вмешани во ова убиство.
Од моментот кога пред својата канцеларија беше застрелан Оливер Ивановиќ, тргнаа и авина шпекулации кои сакаат да наштета на истрагата. Албанските политичари тврдат дека убијците имале за цел да го претстават Косово како нестабилна земја, а пак српските функционери истакнуваат дека то е напад на сите Срби на Косово. Поединци, пак, наводно имаат стоотстотни информации дека злосторството го извршила мафија – ниту српска ниту албанска, туку само мафија.
Косовската полиција која ја води истрагата, соопшти само неколку детали – дека е убиен од зад грб со шест куршуми, дека е застрела со пиштол „долга деветка“, како тиа дека убијците избегале со возило „опел астра“, и дека последниот газда на автомобилот пронајден запален близу местото на злосторството, се наоѓа во Србија.
Дел од српската и албанската јавност смета дека зад убиството на Оливер Ивановиќ би можела да стои мафијата од Косово. За тоа јавно проговори Рада Трајковиќ, претседателка на Невладината организација „Европско движење“ и некогашна пратеничка во Собранието на Косово, која споменала и едно име.
Таа оценува дека убиството на Ивановиќ би можело да биде „факторизација на мафијата на просторот на Косово, односно диктирана правила од страна на мафијата“ затоа што северна Митровица, како што тврди, денеска е најбезбеден дел од просторот на кои живеат Срби.
Првите резултати во понеделник
Обвинителот Шукри Суља, кој ја води истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, најави дека во понеделник ќе бидат објавени првите резултати од истрагата, вклучувајќи снимки од сигурносни камери, детали за запалениот автомобил како и форензички докази, пренесуваат приштинските медиуми. Суља навел дека во извештајот ќе бидат вклучени и изјави на сведоци.









