На еден човек од Сан Диего толку му здосадило да живее во обична држава што основал една посебна во пустината во Калифорнија. Ренди Вилијамс, самопрогласениот султан на Слоујамастан, изјави за Си-Ен-Ен дека ги посетил сите земји во светот признаени од Обединетите нации.
„Ми снема повеќе земји, па си создадов своја“, рече тој.

Оваа микронација се наоѓа на парцела од 11,07 хектари пустинско земјиште во Јужна Калифорнија.
Нејзиното службено име е Република Слоујамастан, наречена по љубовта на нејзиниот лидер кон бавната џем музика.

Си-Ен-Ен објави дека Слоујамастан – која има свое знаме, валута и национална химна – го прогласи својот суверен статус и се отцепи од САД на 1 декември 2021 година.
Има дури и своја временска зона, стандардно време на Слоујамастан, и 12 сојузни држави на површина од 11 хектари, со главен град Дубландија.

Вилијамс вели дека посетил најмалку една микронација – Република Молосија, слична големина на Слоујамастан, во Невада, која се „отцепи“ од САД во 1998 година. Инспириран од таа посета, Вилијамс отиде дома и купи земја во Калифорнија во октомври 2021-ва, и три месеци подоцна прогласи независност на земјата.
Прилично е дискутабилно дали независноста на Слоујамастан ќе биде призната.
Вилијамс во изјава за „Бизнис Инсајдер“ истакна дека американскиот претседател Џо Бајден допрва треба да го признае отцепувањето на неговата микронација преку е-пошта и социјалните медиуми.
На веб-страницата на оваа „држава“ пишува дека оствариле контакти со претседатели и премиери, но официјалните дипломатски односи со други земји не се споменуваат.
Во однос на владеењето, Слоујамастан моментално себеси се дефинира како „диктатура“, иако тоа може да се промени.
„Во моментов имаме повеќе од неверојатни 5.000 регистрирани жители. Немаме планирани избори, но се е на маса. Се обидувам да ја покренам оваа прекрасна нација од мртва точка пред да дозволам некој друг да ја уништи“, вели „диктаторот“ Вилијамс.

Слоујамастан и не е место без закони – има некои правила, како што се дефинирани во „Закони, статут и регулативи на Слоујамастан“.
Во меѓувреме, додека не дојдат подобри времиња, самопрогласениот султан е вработен и платен надвор од Слоујамастан.
„Кога тој не владее со најновата нација во светот, нашиот драг лидер води меѓународно радио шоу наречено ‘Sunday Night Slow Jams’, кое во моментов може да се слушне на преку 200 радио станици низ Америка“, се вели во биографијата на Вилијамс на веб-страницата на новата американска држава.
Иако врховниот водач во својата биографија наведува дека поголемиот дел од времето сè уште го поминува надвор од земјата, односно околу 110 километри подалеку, во Сан Диего.
„Ја посетувам онолку често колку што можам – работејќи главно од нашиот американски конзулат овде во Сан Диего, Калифорнија, Соединетите Американски Држави“, вели Вилијамс.
„Тука уживам во луксузот на струја и вода за пиење. И покрив над главата.“
„Султанот“ кажува дека има „големи планови“ за Слоујамастан.
„Сакам еден ден да изградам голема палата за султанот и неговиот харем, но засега сум концентриран на луѓето“, изјави Вилијамс за „Бизнис Инсајдер“.
Вели дека на парцелата планирал да изгради т.н мрзлива река (плиток воден објект каков што се гради во водни паркови, хотели, одморалишта и центри за рекреација, каде што водата се движи бавно, а гостите лежат на душеци), интерактивна фарма и монголски ресторан по принципот „јади колку што можеш“.
„Тоа во моментов се само соништа, иако почнавме да правиме ‘бавна река’“, рече Вилијамс, признавајќи дека тоа сега е само „сув ров“.
„Вода нема, но секоја втора среда ја вадиме прскалката“, додаде „султанот од Слоујамастан“.







