Поранешниот тренер на Сплит и Задар, Анте Назор е нов тренер на МЗТ Скопје. Договорот меѓу двете страни официјално е потпишан денеска и е со важност до крајот на сезоната, но со можност да се продолжи ако двете страни бидат задоволни од меѓусебната соработка.
Назор има 38 години и е хрватски стратег, кој зад себе има повеќе од солидно искуство предводејќи го задарскиот тим неколку сезони во АБА лигата.
Со само 26 години дебитираше на клупата на поранешниот европски првак Сплит, со кој една година подоцна, во 2005, го освои Купот на Хрватска.
Новиот предводник на „металците“ има и репрезентативна кариера. Со младинските хрватски кошаркари има освоено
златен медал на Европското првенство за кадети во 2011 година, европско сребро и две бронзи со јуниорите во 2008, 2013 и 2014 година, како и сребро и две бронзени медали со У17 и У19 на Светските првенства во 2009, 2012 и 2015 година.