Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, изјави дека Македонија е најголем добитник од самитот во Трст, на денешната прес-конференција за самитот кој е континуитет на Берлинскиот процес, првично инициран од страна на германската влада и канцеларката Ангела Меркел, како процес којшто треба да им овозможи и олесни на земјите од Западен Балкан полесно да пристапат кон Европската Унија, и да ги водат процесите за пристапување на еден транспарентен и соодветен начин.
„Она што можам да го кажам дека владината делегација предводена од премиерот, е исклучително задоволна од постигнатото на вчерашниот самит и дека Македонија е најголемиот добитник од вчерашниот самит.
„Тоа само го покажува фактот дека се препознаени реформските процеси на владата, дека е препознаен новиот дух на владата, која има за цел практично да ги имплементира сите процедури и сите потребни чекори за побрзо и полесно пристапување кон Европската унија, а со самото тоа и пристап до фондовите на Европската Унија, што е особено значајно за живеењето на граѓаните на Република Македонија – рече Анѓушев.
Тој додаде дека Македонија доби 70 милиони евра од вкупниот грант доделен за шест земји на Западен Балкан кој изнесува 194 милиони евра.
„Главната поента, иако слушавме различни бројки минатите денови, е дека од вкупниот грант кој е доделен за шест земји од Западен Балкан, и изнесува 194 милиони евра, Македонија доби 70 милиони евра. Што значи дека, од вкупните пари, 40 отсто се грант за Република Македонија, иако таа е само една од шесте земји, иако по број на жители е една од помалите земји.
Тоа значи дека, ако одиме по жител, Македонија навистина е победник во оваа фаза од поддршката на Берлинскиот процес и од Самитот во Трст на земјите од Западен Балкан – објасни Анѓушев.
Грантот ќе се користи за делот на пругата кон Бугарија, односно поврзувањето со Коридорот 8.
„Овој грант е добиен за делот на пругата кон Бугарија, што е од исклучителна важност. Како Влада, а со тоа се согласува и Европската Унија, сметаме дека нашето поврзување со Коридорот 8, односно, врската помеѓу Македонија, Бугарија и Албанија е од огромно значење. Вие знаете дека по должината на коридорот 10 имаме доста развиена мрежа, но делницата исток-запад не е така развиена.
„Денес, ако сакате да тргнете и да стигнете до Софија или до Тирана, иако се тоа само делници од 200 – 250 километри, ви требаат повеќе од четири часа, што е недозволиво. Тоа мораме да го промениме.
„Прво за да го ослободиме движењето на граѓаните, да ослободиме движење на производи и друга стока за да може целото стопанство поефикасно да функционира и работи, и притоа да биде поврзано на две мориња.
„Како што знаете, тоа е еден исклучително значаен и стратешки коридор.Преку подршката на овој проект, Европската Унија, и ние како влада со тоа се согласуваме, сака да прати порака дека ние како земји на Балканот мора да бидеме подобро поврзани меѓу себе, повеќе да соработуваме, и тоа со сите наши соседи, преку развивањето на инфраструктурата која што треба да овозможи полесно да комуницираме, како луѓе и како стопанство – порача заменик-претседателот на Владата.
Во рамките на самитот во Трст, била остварена и средба со Светската банка.







