На Волстрит, вчера, пад забележа СиП 500 индексот, што е последица на падот на цената на акциите на „Нетфликс“ и „Тесла“, после објавата на деловните резултати, додека Дау Џонс порасна деветти ден по ред.
Дау Џонс зајакна 0,47 отсто, на 35.225 поени, додека СиП 500 се „лизна“ за 0,68 отсто, на 4.534 поени, а индексот Насдак 2,05 отсто, на 14.063 поени.
Падот на СиП 500 и Насдак најмногу се должи на притисокот врз акциите на „Нетфликс“ и „Тесла“, откако тие технолошки гиганти ги објавија нивните квартални деловни резултати.
Цената на „Тесла“ потона речиси 10 отсто, а „Нетфликс“ повеќе од 8 отсто.
Вестите од „Нетфликс“ и „Тесла“ не се крај на светот, но им дадоа на инвеститорите причина да се запрашаат дали требало да ги купат овие акции по толку високи цени.
Затоа, дел од инвеститорите решија да повлечат пари од овие акции, сметаат дел од консултатнтите.
Од друга страна, силно, за повеќе од 6 отсто скокна цената на акциите на „Џонсон и Џонсон“, откако таа компанија ги објави деловните резултати и ги зголеми проценките за заработката за оваа година.
Тоа е главната причина за растот на Дау Џонс индексот, деветти ден по ред.
Досега 77 компании од составо на СиП 500 индексот ги објавија своите деловни резултати, а повеќето од нив според заработката ги надминаа проценките на аналитичарите.
Во анкетата на Ројтерс, аналитичарите проценуваат дека заработките на компаниите од СиП 500 во второто тримесечје паднале за 7,9 отсто во однос со истиот период минатата година.
Сепак, на почетокот на месецов се очекуваше пад на заработката од 5,7 отсто. А, на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонскиот ФТСЕ индекс зајакна за 0,76 отсто, на 7.646 поени, додека франкфуртски ДАКС порасна за 0,59 отсто, на 16.204 поени, а париски ЦАЦ 0,79 отсто, на 7.384 поени.







