Движењето БЕСА информира денеска дека нема да бидат дел од идната влада, бидејќи мандатарот за формирање влада, како што наведуваат, не бил подготвен да ги прифати принципите на заедничкото владеење со БЕСА и да потпише заеднички договор околу тие принципи, јавува МИА.
Ова е одлучено на денешното Централно претседателство и Централниот совет на БЕСА, каде е усвоен извештајот за текот на реализираните преговори.
Од БЕСА велат дека ќе продолжат да бидат конструктивен политички фактор во Македонија, останувајќи заштитник на албанските, но и на севкупните граѓански интереси во државата.
Притоа ја информираат јавноста дека без оглед на тоа што остануваат опозициска партија, ќе ја поддржат секоја иницијатива што ќе биде во полза на Албанците и државата, а во насока на имплементација на потребните реформи.
БЕСА останува на своите принципи, докажува дека останува на страната на Албанците и на другите граѓани во земјата – истакнуваат од БЕСА и притоа изразуваат убедување дека гласачите многу брзо ќе ја препознаат оваа разлика на нивното политичко делување.







