Приходите кои меѓународните авиокомпании ги собираат од наплатата за багаж во 2023 година се зголемија на дури 33,3 милијарди долари и сочинуваат речиси една третина од вкупниот приход од 117,9 милијарди долари, проценуваат од консултантската компанија „ИдеВорксКомпани“ и од „Катравлер“, водечкиот светски давател на услуги за мобилност.
Приходите од багаж така чинат значаен извор на средства за авиооператорите ширум светот, а главно се состојат од три видови такси – за чекиран багаж, за потежок багаж и за поголеми парчиња рачен багаж, кои некои компании исто така ги наплаќаат.
Кога станува збор за авиооператорите во Европа и Северна и Јужна Америка, наплатата за првиот чекиран багаж е вообичаен извор на приходи за компаниите, а од анализите кои ги направиле овие компании евидентно е дека превозниците од Азија сè уште вклучуваат багаж во своите основни тарифи. Истото важи и за познатиот блискоисточен превозник „Емирати“, а во Европа багажот се наплаќа по цена која зависи од видот на купениот билет.

Според пишувањето на „Травел Дејли Њус“, масовната наплата од чекираниот багаж почнала некаде во 2007 и 2008 година, кога авиокомпаниите се обидоа со тоа да ги компензираат високите трошоци предизвикани од поскапувањето на горивото. Прво почнаа американските авиокомпании, но тој тренд брзо потоа беше прифатен од авиокомпаниите ширум светот.
Иако таксите за багаж долго време беа главниот и најсилен извор на приходи за авиокомпаниите, тоа почна да се менува за време на пандемијата, кога операторите почнаа драстично да ги зголемуваат таксите за услугата за избор на седиште, па консултантите проценуваат дека приходите од тоа исто така се зголемија на некои 30 милијарди долари.
Наплатата на чекираниот багаж, пак, доведе до нов тренд и предизвик за авиокомпаниите – патниците, сакајќи да избегнат дополнителни плаќања, почнаа да ја зголемуваат количината на багаж што сакаат да го внесат во авионот како рачен, заради што компаниите почнаа драстично да ја ограничуваат дозволената тежина на него.
Компаниите, главно, на патниците им нудат можност да изберат помеѓу две тарифи – едната вклучува чекиран багаж, а другата, не.
Еден помал куфер со тежина до осум килограми дозволено е да се внесе во кабинскиот простор на авионот на сите летови и во рамките на сите тарифи, како и една мала рачна торба или торба за лаптоп и тоа е бесплатно. За се друго се наплатува.







