Престижниот избор „Светски автомобил на годината 2017“ влегува во завршна фаза. Жирито составен од 75 новинари од 22 земји од светот одбра десет автомобили кои влегуваат во финалниот дел на натпреварувањето, а автомобилот кој ќе биде крунисан ќе биде познат на 13 април на Салонот за автомобили во Њујорк.
Во изборот од десет финалисти се пласираа прв пат дури три модели на „ауди“. Тоа се „ауди А5/S5 купе“, „ауди Q2“ и „ауди Q5“. На нив на мегдан до победничкиот подиум во Њујорк ќе им бидат „фиат 124 спајдер/абарт“, „хонда сивик“, „јагуар ф-пејс“, „мазда цх9“, „шкода кодијак“, „тојота цх-р“, „фолксваген тигуан“.
Ќе бидат прогласени и победници во категориите „градски автомобил на годината“, „луксузен автомобил на годината“, „спортски автомобил на годината“, „зелен автомобил на годината“ и „најубав дизајниран автомобил на светот“.
Минатата година титулата најдобар автомобил на светот ја освои „мазда МХ 5“, чиј „брат близнак“ автомобилот којшто се прави во истата фабрика но со италијански „шмек“, новиот „фијат 124 спајдер/абарт“, се наоѓа на листата од десет финалисти за овогодинешниот избор.







