Двата дома на британскиот парламент го усвоија вчера доцна вечерта нацрт законот со кој на британската влада и се овозможува покренување на членот 50 од Лисабонската спогодба за истапување од Европската унија.
Предлог законот, како што се очекува, ќе добие одобрување од кралицата и денес ќе стапи на сила.
Од предлог законот отфрлени се два амандмана кои претходно ги усвои Домот на лордовите.
Домот на лордовите бараше заштита на правата на европските граѓани присутни во Велика Британија и парламентот да има последен збор за финалната спогодба со брисел, но од нив во конечната верзија се откажа.
Со усвојување на законот и се даваат одврзани раце на конзервативната влада на премиерката Тереза Меј официјално да ја покрене процедурата за разидување од Унијата пред крајот на март, што е краен датум кој таа претходно го утврди.
Според прописите на ЕУ, преговорите можат да траат две години од моментот кога официјално ќе бидат почнати.