Бугарска полицајка вчера е потешко повредена после експлозија на бомба на влез во стадион во Софија во текот на првенствениот натпревар меѓу градските ривали ЦСКА и Левски, пренесоа медиумите.
Полицајката ја погодило скршено стакло по што веднаш била пренесена во болница и задржана на лекување.
„Повредената полицајка е оперирана. Многу ситни парчиња стакло ја погодиле во лицето и окото. Во случајов не станува збор за пиротехника, туку за вистинска бомба“, изјави денеска првиот човек на полицијата Антон Златанов.
После вчерашниот натпревар којшто заврши без победник 2:2, уапсени се 20 навивачи на Левски, информираше тој.
Дербито во Софија има долга историја на нереди меѓу навивачите на двата клуба. Еден маж загина во експлозија на бомба во 2000 година, а четири години подоцна тогашниот тренер на ЦСКА, Стојчо Младенов, падна во безсознание кога го погоди снежна топка од трибината на која беа сместени навивачите на Левски.
Минатата година навивачите на Левски фрлаа со петарди и камења на членовите на стручниот штаб и на резервните фудбалери на ЦСКА во текот на првенствениот натпревар.
(Фото: ЕПА/ Васил Донев)







