Партијата на проевропската молдавска претседателка е прва на локалните избори во стотина градови одржани викендов, но не успеа да освои градоначалнички места во најголемите градови, вклучувајќи го и главниот град Кишињев, според прелиминарните изборни резултати објавени денеска.
Вчерашните избори, на кои се бираа 12.000 локални функционери, и градоначалник на Кишињев, беа тест за проевропската политика на претседателката Маја Санду, а ги следеа обвинувања за руско мешање, што Москва ги негираше.
Владејачката Партија за акција и солидарност (ПАС) на Санду освои повеќе од 40 отсто од гласовите за градоначалници, градски советници и општински и селски совети. Ја освои функцијата градоначалник во првиот круг на гласање во 240 од вкупно 898 села и градови.
Тие победи беа главно во руралните подрачја и нејзините кандидати не освоија контрола во големите градови.

Во главниот град, сегашниот градоначалник, Јон Цебал, денеска изјави дека ја победил Лилијан Карп од ПАС, тесно избегнувајќи го вториот круг со 50,62 отсто освоени гласови, според прелиминарните резултати.
Што се однесува до другите градови, трката за градоначалник на Балти оди во втор круг, во Кахул градоначалник ќе биде независен кандидат, а во Орхеи во првиот круг победи независен кандидат поврзан со пребегнатиот бизнисмен Илан Шор.
Санду, пред изборите, ја обвини Русија за „купување“ гласови со инвестирање на 5 милиони американски долари во „криминални групи“ поврзани со Шор, кој живее во странство и е осуден во отсуство за неговата улога во банкарска измама.
На проруската политичка партија поврзана со Шор не и беше дозволено да учествува на изборите од безбедносни причини.
Министерот за инфраструктура, Андреј Спину, потпретседател на ПАС, рече дека главната порака на изборите е дека „проевропската струја победи низ целата земја“.
Ова беа последните избори во Молдавија пред претседателските избори во ноември 2024 година.
(Фото: ЕПА-ЕФЕ/Думитру Дору – АФП/Елена Коваленко)







