Македонскиот шампион Вардар загуби од Зенит 0:5 (0:3) на дебито во фазата по групи во Лига Европа. Два гола за Зенит постигна Кокорин, а по еден Дзјуба, Ивановиќ и Ригони.
Вардар посакуваше изненадување на првиот натпревар во фазата по групи во Лига Европа, но во 90 минути не успеа посериозно да му се закани на гостинот.
Кокорин во третата минута створи шанса за Дзјуба, но Грнчаров успеа во последен момент да исфрли во корнер. Три минути подоцна, по корнерот на Нобоа, Кокрин од пет метри непречен од никого го постигна првиот гол.
Зенит продолжи со агресивната игра, во која се истакнуваа Кокорин, Нобоа и Краневитер.
Во моментите кога Вардар се обидуваше да влезе во вистински ритам, Кокорин уште еднаш го совлада Гачевски. Полоз нафрли со десна од левата страна, а Кокорин на подалечната статива рутнски реализираше со глава.
Немоќта и неорганизираноста на Вардар, Зенит уште еднаш ја казни во 39. минута, кога Кокорин во опасната топка украде една топка, а кога излезе сам пред Гачевски несебично ја врати назад за Дзјуба, кој ја проследи во мрежата.
Во второто полувреме вардарци заиграа поангажирано и успеаја да направат неколку шанси за постигнување гол.
Николов се обиде двапати, првиот обид заврши над голот, а вториот во 50. минута успеа да го изблокира Кришито. Две минути подоцна се обиде и Барсегјан, но и тој шутираше крај голот.
И кога се чинеше дека Вардар ќе стори нешто, Зенит постигна еден гол. Ригони, кој го замини Кокорин, нафрли од десната страна, Гачевски ја одби топката до дефанзивецот Ивановиќ, а тој рутинирано ја смести зад грбот на вардаровиот голман.
Во последната минута од натпреварот Ригони, по петти пат, го совлада Гачевски.







