Фудбалерите на Вардар славеа тешка победа во дербито против Шкендија, иако тетовската екипа во два наврата имаше предност.
Дерби дуелот од 10. коло во Првата македонска фудбалска лига одигран попладнево на Националната арена „Филип Втори“ му припадна на актуелниот шампион Вардар со 4-2.
Тетовци доминираа во текот на првото полувреме, а како резултат на таквата игра стигна голот на Жуниор во 27. минута за водство од 0 – 1.
Во вториот дел вардарци ја презедоа иницијативата. Во 54. минута откако беше направен прекршок во шеснаесетникот на Шкендија, врз новото вардарово засилување Максимов, судијата Мечкаровски покажа на белата точка, а сигурен реализатор на најстрогата казна беше Хуан Фелипе за израмнување на 1 – 1.
Но, само девет минути подоцна (63), беше досуден пенал за Шкендија кој во ново водство (1-2) го претвори Бесарт Ибраими. Веќе во следната акција Вардар стигна до израмнување. Дејан Блажевски ја искористи убавата асистенција на Итало и во 64. минута израмни на
2 – 2.
Комплетниот пресврт дојде во 73. минута кога Бразилецот, Фелипе со удар од преку 25 метри го совлада гостинскиот голман Константин Захов за водство од 3 – 2. Конечниот резултат Вардар – Шкендија 4 – 2 го постави Бразилецот Оливеира Итало на три минути пред крајот (87. минута).







