Неименуван британски обложувач ставил 55.000 фунти на победа на Роџер Федерер во Вимблдон пред почетокот на турнирот. Британецот, инаку долгогодишен навивач на швајцарскиот тенисер, директор на компанија во Лондон, не и кажал на девојката за облогот.
„Морам да признам дека тикетот го уплатив кога бев излезен сам со другарите. Но, го гледав цела сезона и бев сигурен дека ќе го освои Вимблдон“, изјавил Британецот за англиски Телеграф.
Победата на Федерер на Британецот му донела 165.000 фунти. Го гледал Федерер на дваесетина турнири, а за својот идол патувал по целиот свет.
„Мојата девојка мисли дека сум луд што толку време и пари трошам на патувања поради Федерер. Да знаеше колку ставив на него во обложувалницата веројатно ќе ме оставеше“, рекол Британецот и додал дека нема избор сега кога освоил толку пари.
„Тоа беше последен облог во мојот живот, а девојката ќе мора да ја запросам“, заклучил на крајот.