Над десет илјади вработени во Министерството за внатрешни работи ќе бидат подложени на процесот на ветинг или проверка со цел да се професионализира работата на полицијата и таа целосно да биде вклучена во служба на граѓаните. Процесот е најавуван подолго време, а лани министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека ветинг ќе се прави на сите во МВР – од чистачка до министер.
Процесот се уште не е почнат, моментно се прави терен за негово спроведување. Се ќе почне откако ќе биде донесен Закон за ветинг.
Според плановите на работната група предлог-законот треба да биде доставен до април, но овие проекции се правени пред одлуката која ја донесоа лидерите на политичките партии на средбата кај претседателот Стево Пендаровски – на 12 април да се оди на предремени парламентарни избори.
Формирана е работна група, составена од експерти од МВР, академски соработници, претставници на неавладиниот сектор, на ОБСЕ, американската Амбасада, поканети се и претставници на делегацијата на ЕУ и на британската Амбасада.
Процесот се гради детално, бидејќи станува збор за обемна активност, која во никој случај не смее да ја закочи работата на полицијата додека се спроведува. Мора да се соработува со сите институции, бидејќи е потребна размена на информации, а за таа цел е потребен брз ефикасен електронски систем за размена на податоци.
Се градат методологијата и начинот на кој ќе се спроведува – од една или неколку комисии, но крајната цел е Министерството за внатрешни работи со тек на време самото да има капацитет да се грижи за тоа кого ангажира во своите редови.
Првата работна група беше формирана во август и таа имаше задача да предложи методологија односно постапка за спроведување на ветингот во МВР до 1 октомври. Нејзините членови требало на Владата да и достават информации и предлог план за спроведување на проверките во Министерството, што е завршена работа.
„Мислам дека направивме многу добра работа. Ги собравме најдобрите искуства и од Албанија, но и од Велика Британија и добивме одредени сознанија за спроведување на ветингот во САД, но рано е да дискутираме точно и прецизно во која насока ќе се спроведуваат проверките“, вели за МИА претседателот на работната група, деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски.
Групата што сега ќе започне со своите активности, објасни тој, има цел да подготви предлог-закон за спроведување на проверка на вработените во МВР и да подготви акциски план со конкретни датуми во кои одредени активности би се спроведувале.
Ветингот, вели, подразбирал проветрување во МВР.
Било утврдено, дециден е Дујовски, дека има потреба вработените треба да поминат низ одреден процес на проверка на интегритетот со којшто ја извршуваат полициската работа, и да се согледаат нивната професионалност и имотната состојба.
„Полициските службеници, како државни службеници, имаат ограничени приходи заради што ќе се провери каква е нивната имотната состојба. Дали таа е сразмерна со примањата што ги имаат во МВР или не“
Никола Дујовски
Магдалена Лембовска од Евротинк во изјава за МИА потенцира дека ветингот во МВР треба да претставува процес на проверка во однос на професионалниот и личниот интегритет кој на крајот треба да резултира со „прочистување” на полицијата од лица кои ги немаат потребните квалификации, биле подложни на корупција или имаат контакти со криминалци и криминални групи.
„Во моментов немаме јавно достапни материјали за методологијата на ветингот, но истиот треба да опфати оценка на имотната состојба пред и после стапувањето на должност во МВР, безбедносна проверка, како и проверка на квалификациите во однос на конкретното работно место. Сето тоа подетално ќе треба да биде разработено во закон кој ќе ги утврди критериумите, динамиката, критериумите за избор на членовите на комисијата која ќе го спроведува и останатите аспекти“, додава таа.
Бројот на вработени во МВР е над десет илјади, а работната група досега презела одредени чекори за скенирање на состојбата. Ги информирале вработените во Министерството, ги посетиле речиси сите сектори за внатрешни работи, а тие што не ги посетиле ќе ги посетат во наредните неколку недели за да ги информираат за каков процес станува збор.
„Овој процес ќе биде добар за МВР, но никако не смее да влијае на неговата секојдневна работа“, нагласи Дујовски.
Лембовска потенцира дека на ветингот мора да му претстои добра подготовка со цел да ги адресира проблемите кои во Министерството се дефинирани како проблем.
„Моментно постапките за вработување во МВР се сосем нетранспарентни и врз основа на висок степен на дискреција, што е во директна корелација со високиот ризик од корупција“
Магдалена Ламбовска
Според неа потребно е да се изготви и редовно да се ажурира регистар и проценка на ризици од корупција во различни оддели во полицијата кој ќе служи како основа за развој на политики за спречување на корупција со конкретни задачи, а не само декларативни заложби како досега. Во кратки црти, анализите на невладиниот сектор, но и оценките на ГРЕКО укажуваат дека треба уште многу да се работи на ова поле.
Лембовска потенцира дека доколку се спроведе внимателно ветингот не би требало да има застој, а откако ќе се заврши треба да го подигне нивото на професионалност и ефикасност на полицијата.
„Треба да се има предвид дека МВР ќе остане без дел од своите вработени и затоа е потребен план за тоа кога и како ќе се пополнат испразнетите работни места, а притоа да не се злоупотреби процесот за вработување или прераспределување на други „подобни” кандидати. Според мене, процесот треба да се спроведува одгоре надолу, односно најпрво да ги опфати оние кои се на највисоки раководни позиции. Токму тоа ќе биде тестот кој ќе покаже дали навистина ќе станува збор за суштинска проверка од која никој нема да биде поштеден или само козметичка реформа каде ќе настрадаат само најниско рангираните.“
Работната група е составена исклучиво од професионалци од МВР, претставници од академската заедница, од НВО секторот се вклучени три организации – Транспаренси Македонија, Хелсиншки комитет и Здружението на млади правници, има претставници од ОБСЕ и Американската амбасада, а има предлог да се вклучат и претставници на Делегацијата на ЕУ и на Британската амбасада.
„Со цел да го заштитиме процесот од какви било политички влијанија се обративме до Собранието да делегира тројца пратеници. Кога и како ќе одлучи Собранието, во тоа не навлегуваме. Очекуваме наскоро да добиеме информација кои пратеници би се вклучиле наскоро во својство на набљудувачи. Тоа е важно за процесот, за транспарентноста и за граѓаните“, нагласува Дујовски.
Лембовска, пак, вклучувањето на политичките партии повеќе го гледа како покажување на политичка волја за инклузивност на процесот што треба да биде своевидна гаранција дека нема да дојде до злоупотреба на процесот од страна на владејачката политичка партија.
„Иронично е да зборуваме за спроведување на ветинг чија цел е да доведе до професионализација и деполитизација на полицијата, а легитимитетот на процесот да зависи од политичките партии. Комисијата за одбрана и безбедност треба да одигра своја улога како матична парламентарна комисија, но не преку директно учество во процесот, туку треба да преземе одговорност за квалитетот на законот, како и користење на постоечките парламентарни механизми за надзор и барање на отчетност од извршната власт“, вели таа.
Лембовска смета дека предвремените избори и тоа како ќе направат застој во реформите кои се во тек, а посебно во однос на ветингот кој како процес е на самиот почеток.
„Јас се сомневам дека ќе успееме да донесеме закон за ветинг до распуштањето на Собранието, а уште полошо би било да се донесе закон во избрзана постапка, без поширока јавна дебата и консензус за начинот на кој истиот ќе се спроведува. Промената на највисокото политичко раководство е дополнителна кочница. Ако се има предвид дека целта на техничката влада е да оневозможи злоупотреба на МВР за партиски цели во предизборниот период, очекувано е најголемиот фокус на новото раководство да биде токму врз организацијата на изборите“, вели Лембовска.
(Фото: МИА)