Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски соопшти дека е завршено пријавувањето на кандидати за претседател што би ги поддржала партијата и до архивата се пристигнати осум кандидатури, но конечниот број ќе биде познат деновиве со оглед на фактот дека дел од апликациите, би можеле да стигнат и по пошта.
Имињата ќе бидат соопштени најдоцна до вторник по проверката дали ги исполнуваат законските услови, а кандидатот за претседател кој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ треба да се дознае на претстојната конвенција на партијата во Струга, која ќе се одржи на 16 февруари.
Како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи достапност до партиските ограноци за секој кандидат подеднакво, согласно принципите на демократијата, со цел членството да може да ги слушне нивните идеи, ставови и аргументи.
Мисајловски уште еднаш го повтори повикот од ВМРО-ДПМНЕ власта да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори.
На новинарско прашање дали партијата ќе учествува на претседателските избори ако не бидат распишани и парламентарни, потпретседателот на партијата одговори дека и едните и другите ги имаат анкетите и ги знаат бројките.







