Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе интерпелација и против министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.
„Македонската јавност со месеци е жив сведок на уништувањето и крајната негрижа и неодговорност за животната средина од страна на новата Влада и министерот Садула Дураку.
„Повеќе од три месеци граѓаните на Струга живеат во канцероген чад, граѓаните на Тетово и Куманово мака мачат со дивите депонии, додека една третина од територијата на Република Македонија е во пламен и се кратат средства од Буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини“, изјави Лилјана Затуроска, Пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Досега ВМРО-ДПМНЕ поднесоа интерпелација против министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, против министерот за финансии, Драган Тевдовски, против министерот за земјоделство, Љупчо Николовски и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Опозициската партија најави интерпелации против вкупно седум министри од власта.







