Италија има сè повеќе стогодишници, па нивниот број во оваа земја е повеќе од двојно зголемен во споредба со 2009 година, покажуваат најновите податоци од националната статистичка агенција Истат.
Само оваа година, повеќе од 2.000 луѓе го прославија својот 100-ти роденден во Италија, а огромното мнозинство се жени, објави „Гардијан“. Во оваа јужноевропска земја сега живеат 23.548 стогодишници, додека во 2024 година имало 21.211, според податоците на „Истат“. Во Италија има и 724 лица кои се постари од 105 години, додека 19 од нив веќе имаат 110 години.
Бројот на стогодишници брзо расте низ земјите од Европската Унија, а се проценува дека до 2050 година нивниот број ќе достигне речиси половина милион, додека во 2019 година изнесувал 96.600, според „Гардијан“. Франција, Италија и Грција имаат најголем процент на стогодишници. Медитеранската исхрана долго време се смета за една од главните причини за долговечноста на Италијанците, во комбинација со развиен општествен живот и добар здравствен систем, објави британскиот весник.







