Братот на Салман Абеди, бомбашот самоубиец од Манчестер, уапсен е заради сомневање дека е поврзан со Исламска држава, изјави денес портпаролот на либиските сили за борба против тероризмот.
Дваесетгодишниот Хашем Абеди планирал напад во престолнината на Либија.
Во Триполи е уапсен и најстариот во семејството Абеди, Рамадан, таткото на Салман и Хашем, јавува „Асошијатед прес“.
Се верува дека Хашем и Рамадан биле во постојан контакт со напаѓачот во Манчестер.
Рамадан Абеди, како што јавуваат британските медиуми, во 1993 година побегнал од Триполи откако разузнавачките служби на либија распишале потерница по него. Рамадан добил азил во Велика Британија каде што се родил Салман.
Поранешниот припадник на либиските безбедносни служби, Абдел Басит Харун, денеска изјави дека лично го познавал Рамадан Абеди и дека станува збор за човек кој во деведесетите бил член на Либиската исламска борбена група (ЛИФГ) која имала блиски врски со Ал Каеда.
Харун тврди дека таткото Абеди, познат и како Абу Исмаил, припаѓа на селафистичко џихадистичко движење, најекстремна селафистичка секта од која потекнуваат Ал Каеда и Исламска држава.
Претходно, денес, Рамадан на медиумите им изнел тврдење дека неговиот син не е виновен, негирал дека Салман е поврзан со екстремистите и со самоубиствениот напад во кој загинаа 22 лица.