Јорданските безбедносни сили соопштија дека се убиени четворица напаѓачи на југот на Јордан, откако во Карако убија 10 лица, додека најмалку 27 беа повредени.
Безбедносните сили наведуваат дека со тоа е завршена операцијата против „терористите одметници“ во Карако, град на 120 километри од Аман, туристичка дестинација позната по една од најголемите тврдини од крстоносниот период во регионот.
Во акцијата запленето е оружје, поголема количина експлозив и самоубиствени појаси.
Во нападот се убиени седум полицајци, два цивила и една канадска државјанка.
Не е потполно јасно кој стои зад нападот, но Јордан неколку пати бил цел на исламисти.
Јордан е главна членка на коалицијата околу САД во борбите против таканаречената Исламска држава во соседната Сирија.










