Индиската вселенска сонда, испратена во центарот на Сончевиот систем за да го проучува Сонцето, успеа да ја напушти земјината сфера на влијание, објави во саботата вечерта националната вселенска агенција.
Мисијата „Адитија-Л1“, што на хиндски јазик значи „Сонце“, лансирана е на 2 септември на четиримесечно патување. Носи научни инструменти за набљудување на надворешните слоеви на телото на Сонцето.
„Сондата излезе од сферата на влијание на Земјата“, објави Индиската организација за истраќување на вселената (ИСРО).
Сондата, именувана по хиндуистичката божица на Сонцето, од полетувањето до сега помина 920.000 километри, а тоа е нешто повеќе од половина пат до одредиштето.
Во овој момент, гравитациските сили на Земјата и Сонцето меѓусебно се поништуваат, овозможувајќи ѝ на сондата да остане во стабилна орбита.
„Ова е втор пат по ред ИСРО да испрати вселенско летало надвор од сферата на влијание на Земјата. Првата беше мисијата на Марс – ‘Орбитер’ (2013-2014)“, се вели во објавата на вселенската агенција.
И Јапонија и Кина започнаа свои мисии со цел набљудување на Сонцето, но во земјината орбита.
Ако новата мисија на ИСРО успее, тоа ќе биде првата сонда што една азиска земја ќе ја постави во орбитата околу Сонцето.
Соединетите Американски Држави и Европската вселенска агенција (ЕСА) веќе ставија сонди во орбитата со иста цел – проучување на Сонцето. Програмата на НАСА под називот „Пионир“ беше покрената уште во шеесетите години.
Индија на 23 август стана првата земја што го спушти вселенското летало „Чандрајан-3“ во близина на јужниот пол на Месечината, и така се придружи на одбраниот клуб на земји кои успешно изведоа контролирано слетување на Месечината.
Пред Индија таква операција успеаја да изведат само САД, Советскиот Сојуз и Кина.
„Прагјан“ (што во превод значи мудрост) е возило со шест тркала на соларен погон. Тоа изведе научна мисија во областа на јужниот пол на Месечината, пред да биде исклучено во времето додека трае ноќниот лунарен циклус, или околу две недели.
ИСРО имаше намера да ја продолжи мисијата на својот мобилен робот настојувајќи да го реактивира откако светлината ќе се врати на површината на Месечината, но машината ниту тогаш не реагираше.
(Фото: АФП / Сем Пантхаки)







