Германската влада денес и официјално ја потврди испораката на 14 тенкови „Леопард“ за Украина и издавањето дозвола за испорака на тенкови кои се наоѓаат во составот на други земји, соопшти официјален Берлин.
„Германија ќе и испорача на Украина 14 тенкови ‘Леопард 2’ и во исто време ќе дозволи испорака на ‘Леопарди’ од други земји во Украина“, изјави владиниот портпарол, Штефан Хебестрајт.
Тој истакна дека на седницата на владата оваа одлука ја соопштил канцеларот Олаф Шолц.
„Одлукава ја следи нашата линија за поддршка за Украина и ние и понатаму продолжуваме да работиме во тесна меѓународна соработка“, рекол Шолц.
Се очекува Шолц попладнево на седницата на Бундестагот и официјално да ја потврди одлуката за испорака на тенкови „Леопард“ и издавање дозволи за други земји за испорака во Украина.
Германските политичари со големо мнозинство ја поздравија одлуката за испораката на „Леопард“ на Украина, а критиките доаѓаат од крајната левица и од десницата.
„Предолго ја чекавме одлуката, донесена е макотрпно, но на крајот е неизбежна“, рече претседателката на Комисијата за одбрана на Бундестагот, Мари-Ањес Штрак-Цимерман.
Политичарката од Либерално-демократската партија на Германија (ФДП), коалициски партнер на Социјалдемократите и Зелените во владата на канцеларот Олаф Шолц, вели дека веста за испорака на тенковите од типот „Леопард“ е „спасоносна вест за храбриот народ на Украина“.
Потпретседателката на Бундестагот и лидер на владејачката Партија на Зелените, Катрин Геринг-Екард преку Твитер порача: „Леопардот е слободен“.
(Фото: АФП)







