Сојузното собрание во Берлин, уставниот орган составен од пратеници од Бундестагот, долниот дом на парламентот, и претставници од покраините, ќе го изберат утре новиот претседател на Германија.
Најмногу шанси да стане нов претседател има кандидатот на Социјалдемократската партија (СДП) и доскорешен министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер.
Со оглед на фактот дека има поддршка од владеачката коелиција и германските либерали, се верува дека изборот на Штајнмаер е речиси сигурен.
Штајнмаер ќе има тројца противкандидати: Кристофер Булервеге (Левица), Александер Холд (Слободни бирачи) и Алберт Слазер (Алтернатива за Германија).
Штајмаер два пати ја извршуваше функцијата шеф на дипломатијата во владите на канцеларката Ангела Меркел.
Првиот пат од 2005-та до 2009-та, а потоа од 2013 до почетокот на оваа година. Тој стекна голема почит со настојувањето да се пронајде решение за кризата во Украина.
Гласањето за новиот претседател најверојатно ќе биде еден од последните моменти на единство на владеачката коалиција пред септемвриските парламентарни избори.
Германската канцеларка Ангела Меркел влегува во трка за четвртиот мандат, а на тој пат ќе и се најде противкандидатот, новиот лидер на социјалдемократите Мартин Шулц.
Шулц, доскорешниот претседател на Европскиот парламент, го замени Зигмар Габриел на чело на СДП, а анкетите покажуваат дека на неговата партија и порасна популарноста од кога тој најави дека ќе се кандидира на парламентарните избори.
Претседателот на Германија има ограничена извршна власт, но се смета за силен морален авторитет. На сегашниот претседател Јоаким Гаук (77) му истече мандатот и тој објави дека поради своите години нема повторно да се кандидира за тоа место.
Претседателот го избира Сојузното собрание кое се состои од 630 пратеници и уште 630 претставници кои се делегираат од 16 германски покраини.







