Повеќе од 90 луѓе загинаа откако вчера се преврте брод кај северниот брег на Мозамбик, соопштија властите.
Лицата на бродот бегале од колера и патувале од Лунга кон островот Мозамбик, во близина на брегот на Нампула, јавија локалните медиуми, пренесува ДПА.
Рибарскиот брод можел да прими најмногу 100 луѓе, изјавил за СТВ претставник на управата на островот. Меѓутоа, на бродот имало околу 130 луѓе.
Новинската агенција АИМ, повикувајќи се на претставник на поморските власти, извести дека бродот најверојатно се распаднал кога го погодиле високи бранови.
Според податоците на Организацијата за помош на децата при Обединетите нации, УНИЦЕФ, Мозамбик во моментов е погоден од најголемата епидемија на колера во последните 25 години. Од почетокот на епидемијата во септември 2022 година, пријавени се повеќе од 37.000 случаи.

(Фото: Јасујаши Чибаи / АФП)







